Нов Завет

Maтеј 5:14-26 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

14. Вие сте во улога на светлина на светот, како осветлен град изграден на врв планина, за сите да го гледаат.

15. Никој не пали свеќа за да ја покрие со капак, туку ја става на свеќник, за да им свети на сите во куќата.

16. Така и вие бидете светлина пред луѓето, нека видат добри дела во вас, па ќе Го слават вашиот небесен Татко.“

17. „Немојте да мислите дека сум дошол да ги укинам Божјиот Закон и учењата на пророците. Не дојдов да ги укинам, туку да ги исполнам.

18. Зашто, ве уверувам дека, си додека постојат небото и Земјата, ниту најмал детаљ од Божјиот Закон нема да се укине си додека целосно не се исполни!

19. Затоа, секој што ја прекршува макар и најмалата меѓу овие заповеди, па и другите луѓе ги учи така да прават ќе биде најмал во небесното царство; додека, пак, секој што живее според Божјиот Закон, па и другите луѓе ги учи да прават така ќе биде прогласен за голем во небесното царство.

20. Зашто, ви велам, доколку вашата праведност не ја надмине праведноста на сегашните вероучители и на фарисеите вие никогаш нема да влезете во небесното царство!“

21. „Познато ви е дека во Мојсеевиот Закон на вашите предци им било заповедано: ,Не убивај! Кој ќе изврши убиство, ќе му биде судено!‘

22. Јас, пак, ви велам: ,Секој што истура гнев против својот ближен, заслужува осуда! Знаете дека секој што ќе навреди ближен, бива изведен пред вашиот Врховен суд, а доколку го проколнуваш својот ближен, можеш да завршиш и во огнениот пекол!‘

23. Така, кога ќе носиш жртвен прилог на Божјиот олтар, ако се сетиш дека твојот ближен ти е лут за нешто,

24. остави го твојот прилог таму пред олтарот и појди прво помири се со својот ближен, а потоа врати се и принеси го својот жртвен прилог.

25. Со секој што сака да те тужи пред законот, потруди се брзо да се спогодиш, уште додека сте заедно на патот, за да не те тужи на суд, а судот да те предаде на стражарите кои ќе те фрлат в затвор.

26. Те уверувам дека нема да излезеш оттаму додека до грош не си го исплатиш долгот!“

Прочитајте целосна глава Maтеј 5