Нов Завет

Maтеј 4:9-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

9. и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам Тебе, ако паднеш ничкум и ми се поклониш!“

10. Но Исус му одговори: „Бегај оттука, Сатано! Светото писмо вели: ,Поклонувај Му се само на Господ, твојот Бог, и само Нему служи Му!‘“

11. Тогаш Ѓаволот Го остави, а кај Исус дојдоа ангели и Му служеа.

12. Кога Исус разбра дека го уапсиле Јован Крстител, се повлече од Јудеја во Галилеја.

13. Тој се исели од Назарет и се насели во Кафарнаум, покрај Галилејското Езеро, на територијата на потомците на Зевулун и Нафтали.

14. Тогаш се исполни претскажаното од пророкот Исаија, кој рече:

15. „Во земјата на Зевулун и Нафтали, крај морето, отаде реката Јордан, во Галилеја, каде што живеат луѓе кои не Го познаваат Бога,

16. народот кој живее во мрак ќе види големо Светило; светлина ќе ги осветли луѓето што живеат во земјата каде што смртта надвиснува со својата сенка.“

17. Оттогаш Исус започна да проповеда, зборувајќи: „Покајте се, зашто небесното царство се приближува!“

18. Одејќи по брегот на Галилејското Езеро, Исус виде двајца браќа: Симон подоцна наречен Петар, и неговиот брат Андреј. Тие поставуваа мрежа во езерото, бидејќи по занает беа рибари.

19. Исус ги повика: „Тргнете по Мене и Јас ќе ве научам како да ловите луѓе!“

20. Тие веднаш ги оставија своите мрежи и тргнаа по Него.

21. Одејќи понатаму, Исус виде и повика уште двајца браќа: Јаков и Јован, синови на Завдај, кои, заедно со својот татко Завдај се наоѓаа во своето бротче и си ги подготвуваа рибарските мрежи.

22. Тие веднаш ги оставија бротчето и татка си и тргнаа по Исус.

23. Исус одеше по цела Галилеја, поучувајќи по синагогите, проповедајќи ја Радосната вест за Божјото царство и исцелувајќи секакви болести и заболувања кај луѓето.

24. Гласот за Него се рашири дури и во Сирија и кај Него ги доведуваа сите заболени од разни болести, луѓе обземени со демонски духови, епилептичари и парализирани и Исус ги исцелуваше.

25. По Него тргна голема толпа народ од покраините Галилеја и Декаполис, како и од Ерусалим, од Јудеја и од пределите источно од реката Јордан.

Прочитајте целосна глава Maтеј 4