Нов Завет

Maтеј 4:3-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

3. Тогаш искушувачот му пристапи и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, нареди им на камењава да се претворат во лебови!“

4. Но Исус му одговори: „Светото Писмо вели: ,Човекот не живее само од леб, туку и од секој збор што произлегува од Божјата уста!‘“

5. Тогаш Ѓаволот Го одведе Исуса во светиот град (Ерусалим), Го постави на врвот на храмот

6. и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, фрли се долу, бидејќи во Светото Писмо пишува: ,Бог ќе им заповеда на Своите ангели да Те чуваат, на своите дланки да Те понесат, за да не ти се препне од камен ногата.‘“

7. А Исус му одговори: „Но, го пишува и следново: ,Не искушавај Го Господа, твојот Бог!‘“

8. Уште еднаш Ѓаволот Го искачи на највисоката планина и Му ги покажа сите царства на Земјата со сета нивна слава;

9. и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам Тебе, ако паднеш ничкум и ми се поклониш!“

10. Но Исус му одговори: „Бегај оттука, Сатано! Светото писмо вели: ,Поклонувај Му се само на Господ, твојот Бог, и само Нему служи Му!‘“

11. Тогаш Ѓаволот Го остави, а кај Исус дојдоа ангели и Му служеа.

12. Кога Исус разбра дека го уапсиле Јован Крстител, се повлече од Јудеја во Галилеја.

13. Тој се исели од Назарет и се насели во Кафарнаум, покрај Галилејското Езеро, на територијата на потомците на Зевулун и Нафтали.

Прочитајте целосна глава Maтеј 4