Нов Завет

Maтеј 4:1-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Тогаш Духот го одведе Исуса во пустината, за да биде искушуван од Ѓаволот.

2. Откако таму постеше четириесет дни и четириесет ноќи, Тој изгладне.

3. Тогаш искушувачот му пристапи и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, нареди им на камењава да се претворат во лебови!“

4. Но Исус му одговори: „Светото Писмо вели: ,Човекот не живее само од леб, туку и од секој збор што произлегува од Божјата уста!‘“

5. Тогаш Ѓаволот Го одведе Исуса во светиот град (Ерусалим), Го постави на врвот на храмот

6. и Му рече: „Ако си Ти Божјиот Син, фрли се долу, бидејќи во Светото Писмо пишува: ,Бог ќе им заповеда на Своите ангели да Те чуваат, на своите дланки да Те понесат, за да не ти се препне од камен ногата.‘“

7. А Исус му одговори: „Но, го пишува и следново: ,Не искушавај Го Господа, твојот Бог!‘“

8. Уште еднаш Ѓаволот Го искачи на највисоката планина и Му ги покажа сите царства на Земјата со сета нивна слава;

9. и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам Тебе, ако паднеш ничкум и ми се поклониш!“

10. Но Исус му одговори: „Бегај оттука, Сатано! Светото писмо вели: ,Поклонувај Му се само на Господ, твојот Бог, и само Нему служи Му!‘“

11. Тогаш Ѓаволот Го остави, а кај Исус дојдоа ангели и Му служеа.

12. Кога Исус разбра дека го уапсиле Јован Крстител, се повлече од Јудеја во Галилеја.

13. Тој се исели од Назарет и се насели во Кафарнаум, покрај Галилејското Езеро, на територијата на потомците на Зевулун и Нафтали.

14. Тогаш се исполни претскажаното од пророкот Исаија, кој рече:

15. „Во земјата на Зевулун и Нафтали, крај морето, отаде реката Јордан, во Галилеја, каде што живеат луѓе кои не Го познаваат Бога,

16. народот кој живее во мрак ќе види големо Светило; светлина ќе ги осветли луѓето што живеат во земјата каде што смртта надвиснува со својата сенка.“

Прочитајте целосна глава Maтеј 4