Нов Завет

Maтеј 27:14-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

14. Но Исус воопшто не му одговараше, на што гувернерот многу се чудеше.

15. А на секој празник, гувернерот пушташе од затвор по еден затвореник, по избор на народот.

16. Во тоа време в затвор беше еден озлогласен разбојник, по име Бараба.

17. Пилат го запраша насобраниот народ: „Кого сакате да ви го ослободам: (Исус) Бараба или Исус, наречен ,Месијата‘?“

18. Пилат знаеше дека еврејските водачи му Го предадоа Исуса од завист.

19. Додека Пилат го водеше судењето, му ја донесоа следната порака од неговата сопруга: „Не учествувај во осудувањето на Тој праведен човек, зашто ноќва имав морничави соништа поради Него!“

20. Но свештеничките поглавари и народните старешини го наговорија народот да бара ослободување за Бараба, а погубување за Исус.

21. Гувернерот повторно го праша насобраниот народ: „Кој од овие двајца сакате да ви го ослободам?“ А тие извикаа: „Бараба!“

22. Тогаш Пилат ги праша: „А што да правам со Исус, наречен ,Месијата‘?“ Тие на сиот глас викаа: „Распни Го на крст!“

23. „Какво злосторство извршил?“ ги праша Пилат. Но тие уште погласно викаа: „Распни Го на крст!“

24. Пилат виде дека ништо не може да постигне и дека викањето станува си погласно, па зеде вода, си ги изми рацете пред народот и рече: „Јас сум невин за смртта на овој човек! Ова е ваше дело!“

25. „Ние и нашите деца ја преземаме одговорноста за Неговата смрт!“ викаше целиот насобран народ.

26. Тогаш Пилат им го ослободи Бараба, а на своите војници им нареди да Го камшикуваат Исуса и потоа да Го распнат на крст.

27. Тогаш војниците на гувернерот Го воведоа Исуса во дворот и околу Него се насобра цела чета војници.

28. Тие Му ја соблекоа горната облека и Му облекоа црвена наметка.

Прочитајте целосна глава Maтеј 27