Нов Завет

Maтеј 26:4-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

4. Тие решија тајно да Го уапсат Исуса и да Го погубат.

5. „Но не за време на празникот, за да не се побуни народот!“ заклучија тие.

6. Исус се наоѓаше во местото Бетанија, во куќата на Симон, кој порано боледувал од лепра,

7. кога Му пријде една жена, носејќи скапоцен мирис во шише од алабастер и го полеа врз главата на Исус, Кој седеше на поставената трпеза.

8. На ова, Неговите ученици реагираа налутено, велејќи:

9. „Зошто се прави ваква штета!? Мирисот можеше да се продаде за скапи пари, а парите да им се разделат на сиромасите!“

10. Исус го забележа тоа, па им рече: „Зошто ја прекорувате жената!? Таа направи едно љубезно дело за Мене.

11. Сиромаси секогаш ќе има меѓу вас, но Мене нема секогаш да Ме имате.

12. Излевајќи го овој мирис врз Моето тело, таа Ме приготви за погреб.

13. Отсега, секогаш кога ќе се проповеда оваа Радосна вест, насекаде по светот ќе се спомнува и ова нејзино дело и ќе им се кажува на други, во спомен на оваа жена.“

14. Тогаш Јуда Искариот, кој беше еден од дванаесетте Исусови ученици, отиде кај свештеничките поглавари и им рече:

15. „Колку ќе ми платите, ако ви Го предадам Исус?“ Тие му дадоа триесет сребреници.

16. Оттогаш Јуда бараше згоден момент да Го предаде Исуса.

17. На првиот ден од празникот Бесквасници учениците Му пристапија на Исус и Го прашаа: „Каде би сакал да ја приготвиме пасхалната вечера?“

Прочитајте целосна глава Maтеј 26