Нов Завет

Maтеј 26:36-54 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

36. Во придружба на Своите ученици Исус отиде на едно место наречено Гетсемани. Кога пристигнаа таму, Тој им рече: „Седете овде, а Јас ќе отидам потаму, да се помолам.“

37. Со Себе ги зеде Петар и двајцата Завдаеви синови Јаков и Јован. Мошне потресен и натажен,

38. Исус им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива! Останете овде и бдејте заедно со Мене!“

39. Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли: „Татко Мој, ако е возможно, не дозволувај да страдам на ваков суров начин; сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата.“

40. Кога Исус се врати кај Своите ученици ги затекна како спијат. Тогаш му се обрати на Петар: „Зар не можевте да бдеете со Мене еден час!?

41. Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа! Зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“

42. Потоа Исус повторно се оддалечи малку и продолжи да се моли: „Татко Мој! Ако нема начин да Ме одмине ова горчливо страдање, Јас ќе ја исполнам Твојата волја!“

43. Враќајќи се кај Своите ученици повторно ги затекна на спиење; очите едноставно им се затвораа.

44. Исус ги остави и отиде пак да се моли, по третпат повторувајќи ја истата молитва.

45. Потоа се врати кај Своите ученици и им рече: „Зар и понатаму спиете и се одморате!? Дојде времето Мене, Синот Човечки, да Ме предадат во рацете на грешници.

46. Станувајте, тргнуваме. Предавникот Мој доаѓа.“

47. Додека Исус зборуваше, пристигна предавникот Јуда. Тој беше еден од дванаесетте Исусови ученици. Со себе водеше голема толпа народ, вооружена со мечеви и со стапови. Сите беа испратени од свештеничките поглавари и од народните старешини.

48. Претходно, предавникот Јуда им беше рекол: „Фатете Го Оној што при поздравувањето ќе го бакнам!“ Тоа беше договорениот знак.

49. Тој му пријде на Исус и Му рече: „Здраво, Учителе!“ И го бакна.

50. Исус му одговори: „По кој повод си дојден, пријателе?“ Тогаш дојдените со Јуда Го фатија Исуса и Го уапсија.

51. Наеднаш, еден од оние што беа со Исус извлече нож и, замавнувајќи, му го отсече увото на слугата на Првосвештеникот.

52. Но Исус му рече: „Врати го ножот во ножницата! Кој посегнува по нож, од нож и ќе загине!

53. Мислиш дека Јас не можам да побарам од Мојот небесен Татко за миг да испрати повеќе од дванаесет армии од ангели да ни заштитат?

54. Но, како ќе се исполни претскажаното во Светото Писмо, според кое ова мора да се случи!?“

Прочитајте целосна глава Maтеј 26