Нов Завет

Maтеј 24:43-51 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

43. Но да знаете дека, кога еден домаќин би знаел во кое време на ноќта ќе му дојде крадец, тој би останал буден и не би дозволил да му провали во куќата!

44. Значи, бидете духовно подготвени, зашто Јас, Синот Човечки, ќе дојдам во час во кој не Ме очекувате!“

45. „Значи, за кој слуга може да се рече дека е мудар и верен? Тоа е оној слуга што добил задача од својот господар да ги надгледува сите други слуги и навреме да ги храни,

46. и кој навистина си ја извршува задачата што му е доверена. Блазе си на таков слуга, кога ќе се врати неговиот господар!

47. Ве уверувам дека нему ќе му го довери сиот свој имот!

48. Но ако слугата е лош и си рече во себе: ,Мојот господар нема да се врати уште долго време!‘,

49. и почне да ги тепа своите другари, и да јаде и пие со пијаници,

50. тогаш неговиот господар ќе се врати во ден во кој не го очекува и во ненадеен час,

51. и ќе го казни најстрого, фрлајќи го меѓу оние кои само се преправале дека се искрени спрема господарот. Таму ќе има лелекање и крцкање со заби.“

Прочитајте целосна глава Maтеј 24