Нов Завет

Maтеј 24:30-42 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

30. Тогаш, конечно на небото ќе се појави знакот на Месијата, Синот Човечки; и ќе залелекаат сите народи на Земјата кога ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на облаците со моќ и величествена слава.

31. Тој ќе ги испрати Своите ангели со громогласен звук од труба да ги соберат Неговите избраници од сите четири страни на светот, од едниот до другиот крај на светот.“

32. „Сфатете ја оваа споредба преку примерот со смоквата: штом ќе ђ се подмладат гранките и ќе пуштат лисје, знаете дека наближува летото.

33. Така и вие, кога ќе видите дека сите овие случки што ви ги опишав се одвиваат, ќе знаете дека дошло времето и веќе е на прагот.

34. Ве уверувам дека сите овие настани ќе се одиграат пред да изумре оваа генерација.

35. Небото и Земјата ќе ги снема, но Моите зборови ќе останат!

36. А денот и часот на Христовото враќање никому не му се откриени, дури ни на ангелите на небото, ниту пак на Божјиот Син. Само небесниот Татко ги знае.

37. Кога ќе дојде Синот Човечки, состојбата во светот ќе биде како во времето на Ное.

38. Имено, пред самиот потоп, луѓето јадеа, пиеја, се женеа и се мажеа си до денот кога Ное влезе во бродот;

39. и не сфатија што се случува, додека не дојде потопот и ги однесе сите. Така ќе биде и кога ќе се врати Синот Човечки.

40. Во тој миг, од двајца што ќе работат на нива, едниот ќе биде земен на небото, а другиот оставен;

41. од две жени што ќе мелат во мелница, едната ќе биде земена, а другата оставена.

42. Значи, бидете подготвени, зашто не го знаете денот во кој вашиот Господ ќе се врати.

Прочитајте целосна глава Maтеј 24