Нов Завет

Maтеј 23:8-19 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

8. А вие немојте да се нарекувате со почесни титули, бидејќи само Еден е Тој што заслужува почесна титула, а сите вие сте браќа.

9. И на никого на Земјава не обрнувајте му се со „Оче“, зашто имате само еден Отец, а тоа е Бог на небото.

10. Не треба да се нарекувате ни водачи, зашто имате само еден Водач, а тоа е Месијата.

11. Најголемиот меѓу вас нека ви биде слуга,

12. зашто, кој се возвишува, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде возвишен.“

13. „Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие пред носот на луѓето им ги затворате вратите на небесното царство: ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние кои се обидуваат!

14. (Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Вие ги искористувате вдовиците и ги ограбувате нивните домови, а потоа редите долги молитви! Затоа вие ќе бидете посурово казнети!)

15. Тешко вам, вероучители и фарисеи, лицемери ниедни! Океани и земји обиколувате за да придобиете еден следбеник, а кога ќе го придобиете го претворате во син на пеколот, двапати полош од вас!

16. Тешко вам, слепи водачи, кои велите: ,Ако некој се заколне во Божјиот храм, тоа на ништо не го обврзува, но ако се заколне во црковното злато, тогаш, тоа го обврзува!‘

17. Безумници и слепци ниедни! Што е поважно: златото или храмот што го прави златото да биде свето!?

18. И ова го велите: ,Ако некој се заколне во олтарот, тоа на ништо не го обврзува, а ако се заколне во жртвениот прилог на олтарот, тогаш, тоа го обврзува!‘

19. Слепци ниедни! Што е поважно: жртвениот прилог на олтарот или олтарот што го прави прилогот да биде свет!?

Прочитајте целосна глава Maтеј 23