Нов Завет

Maтеј 21:33-46 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

33. Исус продолжи да им зборува на свештеничките поглавари и на народните старешини: „Слушнете ја и оваа приказна. Си беше еднаш еден домаќин, кој насади лозје, го огради со плот, ископа јама за гмечење на грозјето и изгради чуварска кула. Потоа им го даде лозјето под наем на лозарите, а тој замина на пат.

34. Кога дојде време за гроздобер, тој ги испрати своите слуги кај лозарите, за да му го донесат делот од бербата што му припаѓа како надомест.

35. Но лозарите ги фатија слугите и едни претепаа, други убија, а некои каменуваа.

36. Тогаш сопственикот повторно испрати слуги, овојпат во поголем број, но и со нив постапија на ист начин.

37. Најпосле, сопственикот го испрати својот син, велејќи: ,Белки ќе имаат почит спрема син ми!‘

38. Но кога лозарите го видоа синот, си рекоа: ,Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!‘

39. Го зграпчија, го исфрлија од лозјето и го убија.

40. Што мислите, како ќе постапи со нив сопственикот на лозјето кога ќе дојде?“ ги запраша Исус.

41. А тие Му одговорија: „Сигурно ќе ги погуби тие злосторници, а лозјето ќе им го даде под наем на други лозари, кои навреме ќе му го даваат плодот што му припаѓа.“

42. Исус им рече: „Зар не сте читале што вели Светото Писмо: ,Каменот што ѕидарите го отфрлија, стана каментемелник. Тоа го направи Господ, како прекрасна глетка пред нашите очи!‘“

43. „Затоа“ им рече Исус „од вас ќе се одземе Божјото царство и ќе им се даде на луѓе кои донесуваат достоен плод.“

44. („Кој ќе падне врз тој камен ќе се распарчи, а врз кого ќе падне тој камен ќе го згмечи!“)

45. Слушајќи ги Исусовите споредби, свештеничките поглавари и фарисеите сфатија дека се однесуваат на нив.

46. Затоа, тие сакаа да Го уапсат, но се плашеа од народот, кој Го сметаше Исуса за пророк.

Прочитајте целосна глава Maтеј 21