Нов Завет

Maтеј 21:31-41 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

31. Кој од двајцата ја изврши татковата волја?“ Тие Му одговорија: „Постариот!“ Тогаш Исус им рече: „Ве уверувам дека собирачите на данок и блудниците попрвин ќе доспеат во небесното царство отколку вие!

32. Бидејќи, Јован Крстител дојде кај вас за да ви го покаже патот на праведноста, но вие не му верувавте, додека собирачите на данок и блудниците му веруваа. Дури ни откако го видовте тоа, вие не се покајавте и не му поверувавте.“

33. Исус продолжи да им зборува на свештеничките поглавари и на народните старешини: „Слушнете ја и оваа приказна. Си беше еднаш еден домаќин, кој насади лозје, го огради со плот, ископа јама за гмечење на грозјето и изгради чуварска кула. Потоа им го даде лозјето под наем на лозарите, а тој замина на пат.

34. Кога дојде време за гроздобер, тој ги испрати своите слуги кај лозарите, за да му го донесат делот од бербата што му припаѓа како надомест.

35. Но лозарите ги фатија слугите и едни претепаа, други убија, а некои каменуваа.

36. Тогаш сопственикот повторно испрати слуги, овојпат во поголем број, но и со нив постапија на ист начин.

37. Најпосле, сопственикот го испрати својот син, велејќи: ,Белки ќе имаат почит спрема син ми!‘

38. Но кога лозарите го видоа синот, си рекоа: ,Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и да го присвоиме неговото наследство!‘

39. Го зграпчија, го исфрлија од лозјето и го убија.

40. Што мислите, како ќе постапи со нив сопственикот на лозјето кога ќе дојде?“ ги запраша Исус.

41. А тие Му одговорија: „Сигурно ќе ги погуби тие злосторници, а лозјето ќе им го даде под наем на други лозари, кои навреме ќе му го даваат плодот што му припаѓа.“

Прочитајте целосна глава Maтеј 21