Нов Завет

Maтеј 21:26-33 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

26. Ако пак кажеме дека го доби од луѓето, се плашиме од народот, зашто сите го сметаа Јована за пророк.“

27. Затоа, тие Му одговорија: „Не знаеме!“ Тогаш Исус им рече: „Ни Јас нема да ви кажам кој Ми го даде правото да го правам ова што го правам!“

28. Потоа Исус им рече: „Што мислите за ова што ќе ви го кажам: еден човек имаше два сина. Отиде кај постариот и му рече: ,Синко, ајде појди на лозјето и работи денес таму.‘

29. Тој му одговори: ,Не сакам!‘ Но подоцна се премисли и отиде.

30. Таткото отиде и кај помладиот син и му го кажа истото, на што овој рече: ,Ќе одам, господине‘, но не отиде.

31. Кој од двајцата ја изврши татковата волја?“ Тие Му одговорија: „Постариот!“ Тогаш Исус им рече: „Ве уверувам дека собирачите на данок и блудниците попрвин ќе доспеат во небесното царство отколку вие!

32. Бидејќи, Јован Крстител дојде кај вас за да ви го покаже патот на праведноста, но вие не му верувавте, додека собирачите на данок и блудниците му веруваа. Дури ни откако го видовте тоа, вие не се покајавте и не му поверувавте.“

33. Исус продолжи да им зборува на свештеничките поглавари и на народните старешини: „Слушнете ја и оваа приказна. Си беше еднаш еден домаќин, кој насади лозје, го огради со плот, ископа јама за гмечење на грозјето и изгради чуварска кула. Потоа им го даде лозјето под наем на лозарите, а тој замина на пат.

Прочитајте целосна глава Maтеј 21