Нов Завет

Maтеј 21:1-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Пристигнувајќи во близина на Ерусалим, дојдоа во градот Бетфага, на Маслиновата Гора, од каде што Исус испрати двајца од Своите ученици,

2. порачувајќи им вака: „Отидете во селото пред вас; таму веднаш ќе најдете врзана магарица со нејзиното младо магаренце. Одврзете ги и доведете Ми ги овде.

3. Ако некој нешто ви приговори, кажете му дека му се потребни на Господарот и тој веднаш ќе ги пушти.“

4. Ова се случуваше за да се исполни претскажаното од пророкот Захарија:

5. „Порачајте му на Ерусалим: Еве Го, иде Твојот цар, понизно јавајќи на магарица и на магаренце -рожбата на магарицата.“

6. Учениците отидоа и го извршија она што им го беше заповедал Исус:

7. ги доведоа магарицата и младото магаренце, ги ставија врз нив своите облеки и Исус седна на нив.

8. Голем број луѓе ги постилаа своите облеки по патот; други кршеа гранчиња од дрвјата и ги постилаа на патот.

9. А народот што врвеше пред Исус, како и оние што одеа по Него, воскликнуваа, извикувајќи: „Спаси ни сега, Давидов Сине! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово! Спаси ни сега Ти, Кој доаѓаш од небесните височини!“

10. Кога Исус влезе во Ерусалим, целиот град се раздвижи и почна да прашува: „Кој е Овој?“

11. А народот одговараше: „Овој е пророкот Исус од градот Назарет, во покраината Галилеја!“

12. Исус влезе во Божјиот храм и ги истера сите кои купуваа и продаваа во храмот. Им ги преврте масите на менувачите на пари и тезгите на продавачите на гулаби,

13. и им рече: „Во Светото Писмо пишува дека Бог рекол: ,Мојот храм нека биде место за молитва.‘ А вие го претворивте во разбојничко дувло!“

Прочитајте целосна глава Maтеј 21