Нов Завет

Maтеј 20:1-12 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. „Небесното царство може да се опише со ваква споредба: Еден домаќин излезе рано наутро да повика наемни работници за своето лозје.

2. Се погоди со нив да им плати по една надница и ги испрати на лозјето.

3. Околу девет часот наутро, тој повторно отиде на пазарот и виде и други луѓе кои чекаа за работа,

4. па им рече: ,Одете и вие на моето лозје, а јас ќе ви платам колку што ви следува.‘ И тие отидоа.

5. Потоа го направи истото околу дванаесет часот, и уште еднаш околу петнаесет часот.

6. Кога излезе околу седумнаесет часот, виде и други луѓе како стојат, па им се обрати: ,Зошто безделничите овде цел ден?‘

7. ,Никој не ни понуди работа‘ му одговорија тие. Тогаш и ним им рече: ,Одете и вие на моето лозје!‘

8. Кога се стемни, господарот му рече на својот надзорник: ,Повикај ги работниците и исплати им по една надница на сите, почнувајќи од последните, па до првите.‘

9. И така, оние што дојдоа на нивата во седумнаесет часот добија по една надница.

10. Кога дојдоа на ред првите мислеа дека ќе добијат повеќе, но и тие добија по една надница.

11. Штом ги примија парите, тие почнаа да мрморат против господарот, велејќи:

12. ,Овие последниве работеа само еден час, а ти ги израмни со нас, кои се мачевме цел ден на жегата!‘

Прочитајте целосна глава Maтеј 20