Нов Завет

Maтеј 19:11-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

11. А Исус им рече: „Тоа можат да го прифатат само оние што Бог ги оспособил да живеат сами.

12. Зашто, има разни причини поради кои некои луѓе не се женат: едни се по природа евнуси, други се направени евнуси од луѓе, а трети се откажуваат од стапување во брак за да се посветат на работа за небесното царство. Кој може да го прифати ова учење нека го прифати.“

13. Некои луѓе ги носеа своите дечиња кај Исус за да ги положи рацете над нив и да се моли за нив. Учениците, пак, ги одвраќаа,

14. на што Исус им рече: „Пуштете ги децата да дојдат кај Мене, и не одвраќајте ги, зашто небесното царство им припаѓа на таквите како нив!“

15. Откако Исус ги положи рацете врз нив и ги благослови, си замина оттаму.

16. Еднаш, кај Исус дојде еден млад човек и го праша: „Добар Учителе, какви добри дела треба да направам за да се здобијам со вечен живот?“

17. А Исус му одговори: „Зошто ме прашуваш во врска со доброто? Има само Еден што е добар а тоа е Бог. Ако сакаш да добиеш вечен живот, придржувај се кон Божјите заповеди.“

18. „Кои заповеди?“ го праша човекот, на што Исус му одговори: „Не убивај, не врши прељуба, не кради, не обвинувај лажно;

19. почитувај ги татка си и мајка си и сакај ги своите ближни како себеси.“

20. Во одговор, младиот човек рече: „Кон сето тоа се придржував; што треба уште да направам?“

21. Исус му рече: „Ако сакаш да бидеш совршен, тогаш оди и продај си што имаш и раздели им ги парите на сиромасите, а ти ќе имаш богатство на небото. Потоа тргни по Мене и стани Мој следбеник.“

22. Кога го чу ова, младиот човек си замина разочаран, бидејќи поседуваше голем имот.

23. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Навистина, на богатите ќе им биде многу тешко да влезат во небесното царство.

24. Ве уверувам дека полесно камила ќе се спровре низ иглени уши, отколку богат човек да влезе во небесното царство!“

25. Слушајќи го ова, учениците се зачудија и Го прашаа: „Тогаш, кој може да се спаси!?“

26. Исус го впери погледот во нив и им рече: „За луѓето е невозможно, но за Бог нема ништо невозможно!“

27. Тогаш Петар проговори и Му рече на Исус: „Ете, ние оставивме си и станавме Твои следбеници. Што ќе добиеме за возврат?“

Прочитајте целосна глава Maтеј 19