Нов Завет

Maтеј 17:12-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

12. Но Јас ви кажувам дека Илија веќе дојде, а тие не го познаа и му го направија тоа што го сакаа. Така ќе мора да настрада од нив и Синот Човечки.“

13. Тогаш им стана јасно дека Исус им говореше за Јован Крстител.

14. Кога се вратија меѓу народот, на Исус Му пријде еден човек, клекна на колена,

15. и Му рече: „Господе, имај милост за син ми, зашто добива епилептични напади и многу се мачи; честопати паѓа де во оган де во вода.

16. Го носев кај Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.“

17. А Исус, во одговор рече: „О, тврдоглав и неверен народе! До кога ќе морам да останам со вас и да ве поднесувам? Донесете Ми го момчето!“

18. Потоа со заповед го избрка демонскиот дух од него и во истиот миг момчето оздраве.

19. Подоцна Му пријдоа насамо Неговите ученици и Го прашаа: „Зошто не можевме ние да го избркаме демонскиот дух?“

20. „Бидејќи немате доволно вера“ им одговори Исус. „Зашто, ве уверувам, дека, кога би имале вера само колку едно синапово зрнце, би можеле да ђ речете на оваа планина: ,Премести се одовде таму!‘ и таа ќе се премести. И ништо не би ви било неможно.“

21. („Овој вид демон може да се изгони само ако претходно сте биле на молитва и пост.“)

22. Еден ден, кога учениците се беа вратиле во Галилеја, Исус им рече: „Наскоро Јас, Синот Човечки, ќе бидам предаден во рацете на луѓето.

23. Тие ќе Ме убијат, но на третиот ден ќе воскреснам.“ Ова многу ги ожалости учениците.

24. Кога дојдоа во градот Кафарнаум, на Петар му пријдоа наплатувачите на данок за храмот и му рекоа: „Ќе плати ли вашиот Учител данок за храмот?“

25. „Секако!“ им одговори Петар. А кога Петар се врати дома, Исус го пресретна и го праша: „Што мислиш, Симоне, од кого наплатуваат данок земните цареви: од сопствените синови или од туѓите?“

26. „Од туѓите!“ одговори Петар. Тогаш Исус му рече: „Значи, синовите се ослободени од плаќање.

27. Но, за да не ги соблазниме, појди до морето, фрли јадица и отвори ђ ја устата на првата риба што ќе ја фатиш; во неа ќе најдеш една пара што ќе биде доволна да платиш данок и за Мене и за себе.“

Прочитајте целосна глава Maтеј 17