Нов Завет

Maтеј 16:20-28 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

20. Потоа им заповеда на Своите ученици никому да не кажуваат дека Тој е Месијата.

21. Оттогаш Исус почна отворено да им кажува на Своите ученици дека Тој ќе мора да оди во Ерусалим и дека таму ќе претрпи многу од старешините, од високото свештенство и од вероучителите, и дека ќе биде убиен, но по три дни ќе воскресне.

22. Петар, пак, го тргна настрана и почна да го одвратува, велејќи: „Никако, Господе! Тоа не смее да се случи со Тебе!“

23. А Исус му се заврте и му рече: „Бегај од Мене, Сатано! Се обидуваш да Ми го попречиш патот; зашто тоа што го велиш е човечко размислување, а не Божјо!“

24. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Тој што сака да стане Мој следбеник треба да се откаже од своите себични амбиции, да си го понесе својот крст и да тргне по Моите стапки.

25. Зашто, секој што сака да си го чува животот само за себе ќе го загуби; а кој ќе го даде животот за Мене пак ќе си го најде.

26. А каква ќе му биде ползата на човекот, ако и сиот свет го добие, а својата душа ја загуби!? Има ли нешто повредно од твојата душа?

27. Кога Јас, Синот Човечки, ќе дојдам во сета слава на Мојот небесен Татко, во придружба на светите ангели, тогаш ќе му платам на секого според неговите дела.

28. Ве уверувам дека меѓу вас има некои кои нема да умрат додека не Ме видат Мене, Синот Човечки, како доаѓам во Своето царство!“

Прочитајте целосна глава Maтеј 16