Нов Завет

Maтеј 16:13-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

13. Пристигнувајќи во околината на градот Цезареја Филипова, Исус ги запраша Своите ученици: „Што велат луѓето за Мене, Синот Човечки?“

14. А тие одговорија: „Едни велат дека Си Јован Крстител, други дека си пророкот Илија, а трети дека Си пророкот Еремија или еден од пророците.“

15. „А за кого Ме сметате вие?“ ги праша Исус.

16. Симон Петар прв се произнесе: „Ти Си Месијата Синот на живиот Бог!“

17. Тогаш Исус му рече: „Ти си благословен, Симоне, сине Јованов! Зашто ова сознание не ти е објавено од човек, туку од Мојот небесен Татко!

18. Затоа Јас ти велам: ,Ти си Петар‘ (што значи ,карпа‘), и врз оваа карпа Јас ќе ја изградам Мојата Црква, така што ни адските порти не ќе можат да го запрат нејзиниот пробив!

19. И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство: тоа што ќе го затвориш на Земјата ќе биде затворено и на небесата; а тоа што ќе го отвориш на Земјата, ќе биде отворено и на небесата.“

20. Потоа им заповеда на Своите ученици никому да не кажуваат дека Тој е Месијата.

21. Оттогаш Исус почна отворено да им кажува на Своите ученици дека Тој ќе мора да оди во Ерусалим и дека таму ќе претрпи многу од старешините, од високото свештенство и од вероучителите, и дека ќе биде убиен, но по три дни ќе воскресне.

22. Петар, пак, го тргна настрана и почна да го одвратува, велејќи: „Никако, Господе! Тоа не смее да се случи со Тебе!“

23. А Исус му се заврте и му рече: „Бегај од Мене, Сатано! Се обидуваш да Ми го попречиш патот; зашто тоа што го велиш е човечко размислување, а не Божјо!“

24. Тогаш Исус им рече на Своите ученици: „Тој што сака да стане Мој следбеник треба да се откаже од своите себични амбиции, да си го понесе својот крст и да тргне по Моите стапки.

25. Зашто, секој што сака да си го чува животот само за себе ќе го загуби; а кој ќе го даде животот за Мене пак ќе си го најде.

Прочитајте целосна глава Maтеј 16