Нов Завет

Maтеј 16:1-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Еден ден кај Исус дојдоа некои од фарисеите и садукеите, со намера да Го искушаат, и побараа од Него да им покаже некој чудотворен знак од небото.

2. Исус им одговори: „Кога небото е црвено на квечерина, вие велите: ,Времето ќе биде убаво!‘

3. Кога небото е црвено и заматено наутро, велите: ,Денес ќе има невреме!‘ Значи, изгледот на небото знаете да го протолкувате, а знаците на Моето време не умеете да ги препознаете!

4. Само грешни и безбожни луѓе бараат чудотворен знак, но ним нема да им биде даден никаков друг знак, освен знакот на пророкот Јона!“ Потоа Тој ги остави и си замина.

5. Подоцна, кога учениците на Исус се упатија кон спротивниот брег на езерото, беа заборавиле да понесат леб.

6. А токму тогаш Исус им говореше: „Чувајте се од квасецот на фарисеите и садукеите!“

7.  Учениците почнаа да си шепотат меѓу себе: „Ова го зборува затоа што заборавивме да понесеме леб!“

8. Исус, пак, знаејќи за што шепотат, им рече: „Зошто разговарате за лебот што сте го заборавиле? Колку малку вера имате!

9. Зар уште не разбирате? Заборавивте ли веќе колку кошници ви преостанаа, кога со пет леба нахранив повеќе од пет илјади души?

10. И колку кошници собравте од седумте леба со кои нахранив четири илјади души?

11. Како не сфаќате дека не зборував за леб, кога ви реков: ,Чувајте се од квасецот на фарисеите и садукеите‘!?“

12. Дури тогаш сфатија дека не им вели да се чуваат од квасец за леб, туку од она што го проповедаат фарисеите и садукеите.

13. Пристигнувајќи во околината на градот Цезареја Филипова, Исус ги запраша Своите ученици: „Што велат луѓето за Мене, Синот Човечки?“

14. А тие одговорија: „Едни велат дека Си Јован Крстител, други дека си пророкот Илија, а трети дека Си пророкот Еремија или еден од пророците.“

15. „А за кого Ме сметате вие?“ ги праша Исус.

16. Симон Петар прв се произнесе: „Ти Си Месијата Синот на живиот Бог!“

17. Тогаш Исус му рече: „Ти си благословен, Симоне, сине Јованов! Зашто ова сознание не ти е објавено од човек, туку од Мојот небесен Татко!

18. Затоа Јас ти велам: ,Ти си Петар‘ (што значи ,карпа‘), и врз оваа карпа Јас ќе ја изградам Мојата Црква, така што ни адските порти не ќе можат да го запрат нејзиниот пробив!

Прочитајте целосна глава Maтеј 16