Нов Завет

Maтеј 15:31-39 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

31. Народот беше вчудовиден, гледајќи како неми прозборуваат, сакати оздравуваат, куци проодуваат и слепи прогледуваат. И Му оддаваа слава на Израеловиот Бог.

32. Потоа, Исус ги повика кај Себе Своите ученици, и им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто веќе три дни се со Мене, а ништо не јале. Не би сакал да ги пуштам да си одат гладни, за да не изнемоштат по пат.“

33. А Неговите ученици Го прашаа: “Каде ќе најдеме доволно храна за толку народ, овде, во пустинава?“

34. Тој ги праша: „Колку леб имате?“ Тие Му рекоа: „Седум леба и неколку рипчиња.“

35. Тогаш Исус им заповеда на луѓето да испоседнат по земјата,

36. па ги зеде седумте леба и рибите, Му се заблагодари на Бог и ги раскрши. Потоа им ги подаваше на учениците, а тие му ги разделуваа на народот.

37. Сите јадеа и се наситија, а собраа и седум полни кошници со парчиња што преостанаа.

38. А луѓето што јадеа беа на број четири илјади машки глави, не сметајќи ги жените и децата.

39. Тогаш Исус го пушти народот да си оди, а Тој се качи на бротче и замина во пределот на Магадан.

Прочитајте целосна глава Maтеј 15