Нов Завет

Maтеј 15:15-33 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

15. Петар проговори и праша: „Објасни ни што сакаше да кажеш со оваа споредба?“

16. Тој им одговори: „Зар и вие уште не сфаќате!?

17. Не сфаќате ли дека си што се јаде преку устата минува низ стомакот и се исфрла надвор?

18. А зборовите што се изговараат низ устата и делата што излегуваат од срцето можат да го опоганат човекот.

19. Зашто, злите планови, убиствата, прељубите, блудствата, кражбите, лагите и пцостите произлегуваат од срцето на човекот.

20. Тие работи го поганат човекот, а не непочитувањето на ритуалното миење на рацете!“

21. Заминувајќи од Галилеја, Исус се повлече на север, во пределот на градовите Тир и Сидон.

22. Една жена, Хананејка, која живееше таму, дојде кај Него и наеднаш извика: „Имај милост спрема мене, Господе, Сине Давидов! Ќерка ми ја измачуваат демонски духови!“

23. Но Исус воопшто не ђ одговори. Тогаш Му пријдоа Неговите ученици и Го молеа: „Исполни ђ ја молбата, да не вика по нас!“

24. Но Исус им одговори: „Јас Сум пратен само кај Израелскиот народ, кај Божјите загубени овци“

25. А жената Му пријде и паѓајќи ничкум пред Него, Му рече: „Господе, помогни ми!“

26. Но Исус ђ одговори: „Не е право да се одземе лебот од децата и да им се фрли на кучињата!“

27. Тогаш, таа одговори: „Така е, Господине; но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари!“

28. На ова, Исус ђ одговори: „Голема вера имаш ти, жено! Нека ти се исполни желбата!“ Во истиот миг нејзината ќерка беше исцелена.

29. Заминувајќи си оттаму, Исус се упати назад, кон брегот на Галилејското Езеро; таму се искачи на еден рид и седна.

30. Надојде голема толпа народ, водејќи со себе куци, сакати, слепи, глувонеми и многу други болни, кои Му ги положуваа пред нозе, и Тој ги исцелуваше.

31. Народот беше вчудовиден, гледајќи како неми прозборуваат, сакати оздравуваат, куци проодуваат и слепи прогледуваат. И Му оддаваа слава на Израеловиот Бог.

32. Потоа, Исус ги повика кај Себе Своите ученици, и им рече: „Жал ми е за луѓето, зашто веќе три дни се со Мене, а ништо не јале. Не би сакал да ги пуштам да си одат гладни, за да не изнемоштат по пат.“

33. А Неговите ученици Го прашаа: “Каде ќе најдеме доволно храна за толку народ, овде, во пустинава?“

Прочитајте целосна глава Maтеј 15