Нов Завет

Maтеј 15:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Во тоа време од Ерусалим дојдоа кај Исус некои фарисеи и вероучители и Го запрашаа:

2. „Зошто Твоите ученици не ги почитуваат нашите стари обичаи!? На пример, тие не го практикуваат ритуалното миење на рацете пред јадење!“

3. А Исус им одговори: „А зошто вие, со вашите обичаи, ги кршите Божјите заповеди!?

4. На пример, Бог заповедал вака: ,Почитувај ги мајка си и татка си. Кој ќе проколне татко или мајка да се казни со смрт!‘

5. А вие велите: ,Доволно е само некој да рече дека имотот што го има му го посветува на Бога,

6. и со тоа се ослободува од обврската да ги издржува своите родители!‘ На тој начин, со своите преданија вие ја укинавте Божјата заповед!

7. Лицемери! Имаше право Бог кога преку пророкот Исаија за вас напиша:

8. ,Овој народ со усните Ме почитува, но срцето му е далеку од Мене!

9. Се залажуваат дека Ме почитуваат, а всушност ги шират своите човечки обичаи како да се Мои заповеди!‘“

Прочитајте целосна глава Maтеј 15