Нов Завет

Maтеј 14:19-36 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

19. Тогаш им рече на луѓето да поседнат по тревата, а Тој ги зеде петте леба и двете риби, и со поглед кон небото ги благослови и ги раскрши. Потоа им ги даде на учениците, а тие им ги разделија на луѓето.

20. Сите јадеа и се наситија, а собраа и дванаесет кошници полни со парчиња што преостанаа.

21. Тие што јадеа беа на број околу пет илјади мажи, а имаше и жени и деца.

22. Веднаш потоа Исус ги натера Своите ученици да се качат на бротче и да испловат пред Него кон спротивната страна на езерото, додека Тој не го отпушти народот.

23. Штом го отпушти народот, Тој се искачи на гората да се моли насамо. Веќе беше ноќ, а Тој си уште беше таму сам.

24. А бротчето се наоѓаше сред езеро, под удар на силни бранови, зашто дуваше силен ветар во спротивна насока.

25. Некаде меѓу три и шест часот наутро Исус се упати кон нив, чекорејќи по водата.

26. Кога Го забележаа како чекори по водата, учениците се исплашија и извикаа: „Ова е дух!“ И почнаа да пискаат.

27. Но Исус веднаш им проговори и им рече: „Не плашете се, тоа сум Јас; смирете се!“

28. Во одговор, Петар Му рече: „Господе, ако си навистина Ти, направи да дојдам до Тебе газејќи врз водата!“

29. „Дојди!“ му рече Исус. Тогаш Петар се спушти од бродот и се упати кон Исус одејќи по водата.

30. Но кога ги виде високите бранови, се исплаши и почна да пропаѓа во водата и да вика: „Господе, спасувај!“

31. Исус веднаш му подаде рака, го прифати и му рече: „ Колку малку вера имаш! Зошто се посомнева?“

32. Штом влегоа во бротчето, ветрот престана.

33. Учениците кои беа во бродот паднаа ничкум пред Него и Му рекоа: „Ти Си навистина Божјиот Син!“

34. Кога допловија на другата страна дојдоа на Генисаретска земја.

35. Таму луѓето ги препознаа и разгласија по целата околина, па Му ги доведуваа сите болни,

36. кои Го молеа да им дозволи да се допрат барем до работ на Неговата облека; и секој што ќе се допреше, оздравуваше.

Прочитајте целосна глава Maтеј 14