Нов Завет

Maтеј 12:1-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Набргу потоа, во еден саботен ден, Исус минуваше преку нивите насадени со пченка. Неговите ученици беа гладни и почнаа да кинат клавчиња и да јадат.

2. Кога го забележаа тоа фарисеите, Му рекоа на Исус: „Гледај, Твоите ученици го прават тоа што не е дозволено да се прави во сабота!“

3. А Исус им одговори: „Зар не сте читале што направија Давид и неговите луѓе кога огладнеа?

4. Тогаш тој влезе во Божјиот Дом и тој и неговите луѓе јадеа од посветениот леб од кој никој не смееше да јаде, со исклучок на свештениците?

5. Или, пак, зар не сте читале во Мојсеевиот Закон дека и самите свештеници кои се на должност во храмот во саботните денови, работат, значи ја прекршуваат саботата, па сепак не ги сметате за виновни?

6. Но Јас ви велам: пред вас е Оној што е поголем од храмот!

7. Да бевте разбрале што значат Божјите зборови: ,Од вас сакам да покажувате милост, а не да Ми принесувате жртви‘, немаше да ги осудувате овие невини луѓе.

8. Зашто Јас, Синот Човечки, сум Господар и на саботата.“

9. Заминувајќи си оттаму, Исус влезе во нивната синагога,

10. каде што виде и еден човек со парализирана рака. Со намера да Го обвинат, фарисеите Го прашаа Исуса: „Смее ли да се исцелува во сабота?“

11. А Тој им одговори: „ Ако некој од вас има само една овца и таа му падне в јама во саботен ден, нема ли да посегне и да ја извади?

12. А колку поскапоцен од овца е човекот! Според тоа, да се прави добро во сабота е во целосна согласност со Божјиот Закон.“

13. Тогаш му се обрати на човекот: „Испружи си ја раката!“ Тој ја испружи заболената рака и таа му стана здрава како и другата.

14. А фарисеите излегоа и почнаа да подготвуваат заговор да Го убијат Исуса.

Прочитајте целосна глава Maтеј 12