Нов Завет

Maтеј 11:1-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Кога Исус им ги предаде овие упатства на Своите дванаесет ученици, си замина оттаму и отиде да поучува и проповеда по нивните градови.

2. Кога Јован Крстител, кој беше во затвор, слушна за она што го прави Месијата, тој испрати двајца од своите ученици

3. да Го прашаат: „Ти ли си Месијата што требаше да дојде, или некој друг да чекаме?“

4. Исус им одговори: „Вратете се кај Јован и кажете му го тоа што го слушате и гледате:

5. слепи прогледуваат, сакати проодуваат, лепрозни се исцелуваат, глуви почнуваат да слушаат, умрени оживуваат и на бедните им се проповеда Радосната вест.

6. Блазе си им на оние кои не се колебаат во однос на Мене!“

7. Додека тие си заминуваа, Исус почна да му зборува на народот за Јован Крстител: „Кога одевте во пустината, кај Јован, што очекувавте да видите: трска што се лулее на ветрот?

8. Што излеговте да гледате: човек дотеран во раскошна облека? Луѓето што се облекуваат раскошно живеат во царски палати!

9. Тогаш, што излеговте да видите: пророк? Да, ви кажувам Јован е и повеќе од пророк!

10. Јован е тој за којшто Бог во Светото Писмо вели: ,Еве, испраќам Свој гласник, кој ќе го подготви патот пред Тебе.‘

11. Ве уверувам дека, меѓу родените од жена нема поголем од Јован Крстител; и покрај тоа, и најмалиот во небесното царство е поголем од него.

12. Откако Јован Крстител започна да проповеда и да крштава, па си досега, има навала во небесното царство и во него со навала се влегува!

13. Зашто, си до Јован, сите пророци, како и Книгите на Законот, него го претскажуваа.

14. И ако сакате да знаете, Јован е оној „Илија“ што требаше да дојде.

15. Кој има уши, нека слуша!“

Прочитајте целосна глава Maтеј 11