Нов Завет

Maтеј 1:15-24 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

15. од Елихуд се роди Елазар, од Елазар се роди Матан, од Матан се роди Јаков,

16. од Јаков се роди Јосиф сопругот на Марија од којашто се роди Исус, наречен Месијата.

17. Тоа се вкупно четиринаесет поколенија од Авраам до Давид, четиринаесет поколенија од Давид до прогонството во Вавилон и четиринаесет поколенија од прогонството во Вавилон до Месијата.

18. А еве како се случи раѓањето на Исус, Месијата: Неговата мајка Марија беше свршена за Јосиф; но, уште додека таа беше девица, преку Светиот Дух во нејзината утроба се зачна дете.

19. Тогаш нејзиниот свршеник Јосиф, кој беше праведен човек и не сакаше јавно да ја посрами, реши во тајност да ја остави.

20. Но токму кога науми да го стори тоа, насон му се јави ангел Господов и му рече: „Јосифе, чедо Давидово, не плаши се да ја земеш Марија за жена, зашто Детето зачнато во неа е од Светиот Дух.

21. Таа ќе роди Син на кој ќе Му дадеш име Исус, зашто Тој ќе го спаси својот народ од неговите гревови.“

22. А сето ова се случи за да се исполни она што Господ го беше кажал преку пророкот Исаија:

23. „Ете, девица ќе зачне и ќе роди Син; и ќе го наречат Имануел, што во превод значи ,Бог е со нас.‘“

24. Кога стана од спиење, Јосиф постапи така како што му беше наредил ангелот Господов, и ја зеде Марија за своја жена.

Прочитајте целосна глава Maтеј 1