Нов Завет

Марко 6:23-36 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

23. Ти ветувам пред сите дека, ако посакаш и половина од моето царство, ќе ти го дадам!“

24. Таа излезе и ја праша мајка си: „Што да побарам?“ Советот на мајка и беше: „Барај ја главата на Јован Крстител!“

25. Девојката брзајќи се врати кај Ирод и му рече: „Ја сакам главата на Јован Крстител на послужавник, и тоа веднаш!“

26. На царот му падна тешко, но не сакаше да си го прекрши ветувањето што го беше дал пред гостите.

27. Затоа тој веднаш го испрати ?елатот да му ја донесе главата на Јован.

28. Овој отиде, му ја отсече главата на Јован во затворот и на послужавник и ја донесе на девојката, која и ја предаде на мајка си.

29. Кога учениците на Јован разбраа дека тој е погубен, го зедоа неговото тело и го погребаа.

30. Апостолите повторно се собраа кај Исус и почнаа да Му раскажуваат за делата и поуките што ги извршиле.

31. Но многу народ постојано доаѓаше и си заминуваше, така што апостолите немаа време ни да јадат. Затоа Исус им рече: „Дојдете, ќе отидеме на некое тивко место, па да можете малку да се одморите!“

32. Тргнаа со бротче на едно такво место,

33. но голем број луѓе видоа во кој правец отпловија, па побрзаа пеш од сите краишта и први втасаа таму.

34. Кога Исус излезе од бротчето, виде голема толпа народ, која прилегаше на стадо овци без пастир. Му падна жал за луѓето, па почна да ги поучува за многу нешта.

35. Во приквечерината кај Исус дојдоа Неговите ученици и Му рекоа: „Местово е пусто, а веќе е доцна.

36. Пушти ги луѓето да отидат по околните села и земјоделски имоти, за да си купат храна!“

Прочитајте целосна глава Марко 6