Нов Завет

Марко 3:1-9 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Исус повторно влезе во тамошната синагога и таму сретна еден човек со парализирана рака.

2. Фарисеите сакаа да Го обвинат Исуса, па Го демнеа, за да видат дали ќе го исцели човекот во саботен ден.

3. Исус му се обрати на човекот со парализирана рака: „Дојди, застани пред сите!“

4. Потоа праша: „Што треба да се прави во сабота: добро или лошо? Да се спаси некој човечки живот, или да се уништи?“ Сите молчеа.

5. Исус налутено ги изгледа сите по ред. Сепак, Му стана жал за нив, поради нивната тврдоглавост. Потоа му се обрати на човекот: „Испружи си ја раката!“ Тој ја испружи и раката му оздраве.

6. Фарисеите веднаш излегоа и заедно со приврзаниците на Ирод се договорија да Го убијат Исуса.

7. Исус се повлече со Своите ученици по должината на езерското крајбрежје. По Него одеше голема толпа народ од Галилеја,

8. како и од Јудеја, од Ерусалим, од Идумеја и од други места на источната страна од реката Јордан. Доаѓаа и луѓе од поширокото подрачје на градовите Тир и Сидон. Сите тие дојдоа, откако беа слушнале за делата на Исус.

9. Тој беше принуден да им каже на Своите ученици во секое време да имаат подготвено бротче за Него, за да не Го згмечи народот.

Прочитајте целосна глава Марко 3