Нов Завет

Марко 16:4-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

4. Но кога втасаа таму и погледнаа, забележаа дека тешкиот камен е веќе отстранет! А каменот беше навистина голем!

5. Жените влегоа во гробницата и на десната страна видоа седнат еден млад човек во долга бела облека. Многу се исплашија!

6. Но ангелот им рече: „Не плашете се! Вие го барате Назареќанецот Исус, Кој беше распнат. Тој воскресна и не е овде! Еве го местото каде што беше положено Неговото тело.

7. Одете и кажете им на Неговите ученици, и особено на Петар: ,Исус ќе ве чека во Галилеја. Таму ќе Го видите, како што ви беше кажал!‘“

8. Жените избегаа од гробницата, тресејќи се од страв. Толку беа исплашени, што никому ништо не кажуваа.

9. Рано изутрината во неделата, кога Исус воскресна од мртвите, и се појави на Марија од Магдала. (Порано Исус ја беше ослободил од седум демони кои беа во неа.)

10. Таа отиде и им кажа на Исусовите следбеници кои тагуваа и плачеа.

11. Но тие, кога слушнаа дека Исус е жив, не поверуваа, иако Марија им кажа дека Го видела.

12. Подоцна, Исус им се појави и на двајца Свои ученици, но во поинаков изглед. Тие тогаш одеа по пат, кон едно село.

13. Кога овие двајца им раскажаа за ова на другите, тие не им поверуваа.

14. Потоа Исус им се покажа и на единаесеттемина Свои ученици, додека тие вечераа заедно. Тогаш ги укори поради нивното неверство и закоравеност на срцата, зашто не им веруваа на оние што Го беа виделе по Неговото воскресение.

15. Потоа им рече: “Одете по целиот свет и проповедајте им ја Радосната вест на сите луѓе!

Прочитајте целосна глава Марко 16