Нов Завет

Марко 16:10-20 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

10. Таа отиде и им кажа на Исусовите следбеници кои тагуваа и плачеа.

11. Но тие, кога слушнаа дека Исус е жив, не поверуваа, иако Марија им кажа дека Го видела.

12. Подоцна, Исус им се појави и на двајца Свои ученици, но во поинаков изглед. Тие тогаш одеа по пат, кон едно село.

13. Кога овие двајца им раскажаа за ова на другите, тие не им поверуваа.

14. Потоа Исус им се покажа и на единаесеттемина Свои ученици, додека тие вечераа заедно. Тогаш ги укори поради нивното неверство и закоравеност на срцата, зашто не им веруваа на оние што Го беа виделе по Неговото воскресение.

15. Потоа им рече: “Одете по целиот свет и проповедајте им ја Радосната вест на сите луѓе!

16. Секој што ќе поверува и ќе се крсти - ќе биде спасен. А секој што ќе одбие да поверува - ќе биде осуден.

17. Оние што ќе поверуваат, ќе можат да извршуваат чуда: со помош на Моето име ќе изгонуваат демонски духови, ќе зборуваат на нови јазици,

18. со раце ќе фаќаат змии, ќе испиваат отрови и нема да се отрујат, ќе исцелуваат болни со ракополагање врз нив.“

19. Откако на Своите ученици им ги упати овие зборови, Господ Исус се вознесе на небото и седна до Бог, од Неговата десна страна.

20. А учениците се разотидоа и почнаа да проповедаат насекаде. Господ беше со нив и преку чудата што тие ги извршуваа потврдуваше дека тоа што го зборуваат е вистина.

Прочитајте целосна глава Марко 16