Нов Завет

Марко 15:12-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

12. Пилат повторно му се обрати на народот, прашувајќи го: „А што да правам со овој човек што Го нарекувате Цар на Евреите?“

13. Тие гласно извикаа: „Распни Го на крст!“

14. Пилат ги праша: „А какво злосторство извршил?“ Но тие уште погласно викаа: „Распни Го на крст!“

15. Тогаш Пилат, сакајќи да ја задоволи толпата, го ослободи Бараба, а Исуса Го предаде на камшикување, а потоа и на римските војници да Го распнат.

16. Војниците Го воведоа Исуса во дворот на палатата, во таканаречениот ,преториј‘ и повикаа уште цела чета војници.

17. Му облекоа црвена наметка, а на главата Му ставија венец исплетен од трнови гранчиња.

18. Потоа почнаа да Му се подбиваат, викајќи: „Здраво, Цару на Евреите!“

19. Го удираа по главата со стап, Го плукаа и Му се клањаа, преправајќи се дека Го обожаваат.

20. Откако доволно се подбиваа со Исус, Му ја соблекоа црвената наметка и повторно Му ја облекоа Неговата облека. Потоа Го поведоа на распнување.

21. Натераа еден случаен минувач, кој се враќаше од полето, да го носи крстот за распнување на Исус. Човекот се викаше Симон и по потекло беше од Киренеја. Тој им беше татко на Александар и на Руфус.

22. Војниците Го одведоа Исуса на Голгота, што во превод значи ,Череп‘.

23. Таму се обидоа да Му дадат да се напие вино помешано со една горчлива течност за ублажување на болките, но Тој не сакаше да го пие.

24. Го распнаа Исуса на крст, а Неговата облека со жрепка си ја разделија меѓу себе.

25. Беше околу девет часот претпладне кога Го распнаа Исуса.

26. Поставија и натпис кој ја опишуваше Неговата вина. Натписот гласеше: „Цар на Евреите“.

27. Заедно со Исус распнаа и двајца злосторници: едниот од десната, а другиот од левата страна на Исус.

Прочитајте целосна глава Марко 15