Нов Завет

Марко 14:29-47 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

29. Петар се огласи, велејќи: „Дури и ако сите други потклекнат, јас нема да потклекнам!“

30. Исус му одговори: „Те уверувам дека токму ти, уште ноќва, пред второто пеење на петлите, трипати ќе се откажеш од Мене!“

31. „Ни по цена да загинам со Тебе, јас нема да Те изневерам!“ - самоуверено рече Петар. Истото го велеа и сите други ученици.

32. Заедно со Своите ученици, Исус дојде во местото Гетсемани и им рече: „Седете овде додека отидам да се помолам.“

33. Ги поведе со Себе Петар, Јаков и Јован.

34. Длабоко потресен и нажален, им рече: „Тагата што ја имам во душава Ме убива! Останете овде и бдејте со Мене!“

35. Потоа Тој се оддалечи малку, падна ничкум и почна да се моли, доколку е можно, да биде поштеден од претстојните страдања.

36. Се молеше вака: „Аба! Татко! За тебе сe е можно! Не дозволувај да страдам на ваков суров начин! Сепак, нека се исполни Твојата волја, а не Мојата!“

37. Кога Исус се врати кај Своите ученици, ги затекна како спијат, па му рече на Петар: „Зар спиеш, Симоне!? Не можеше ли да останеш буден еден час?

38. Разбудете се и молете се да не бидете совладани од искушението што доаѓа, зашто, иако духот е храбар, телото е слабо!“

39. Потоа Исус пак се оддалечи малку и продолжи да се моли со истата молитва.

40. Кога повторно се врати, учениците и овојпат беа заспале; очите едноставно им се затвораа и не знаеја што да Му одговорат.

41. Кога и по третпат се врати, Исус им рече: „Зар и понатаму спиете и се одморате!? Доста беше! Дојде времето Мене, Синот Човечки, да Ме предадат во рацете на грешници.

42. Станувајте, тргнуваме! Предавникот Мој е веќе овде!“

43. И веднаш, уште додека Исус зборуваше, пристигна предавникот Јуда, кој беше еден од дванаесеттемина Исусови ученици. Со себе водеше голема толпа народ, вооружен со мечеви и со стапови. Сите тие беа испратени од свештеничките поглавари, од вероучителите и од народните старешини.

44. Претходно предавникот Јуда со нив беше договорил знак: „Фатете Го Оној што при поздравувањето ќе го бакнам и одведете Го внимателно!“

45. Јуда дојде право кај Исус и Му рече: „Учителе!“ Потоа Го поздрави со бакнеж.

46. Тогаш луѓето Го зграпчија Исуса и Го уапсија.

47. Еден од присутните извлече нож и замавнувајќи му го отсече увото на слугата на Првосвештеникот.

Прочитајте целосна глава Марко 14