Нов Завет

Марко 14:2-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

2. Но велеа: „Не за време на празниците, зашто народот ќе се побуни!“

3. Исус беше на вечера во Бетанија, во куќата на Симон, кој порано боледуваше од лепра. Таму дојде една жена, носејќи шише од алабастер полно со скапоцен нардов мирис. Таа го скрши шишето и го разлеа нардовиот мирис врз главата на Исус.

4. Некои од гостите налутено реагираа, велејќи: „Зошто се растура овој скап мирис!?

5. Можеше да се продаде за триста денарии и парите да им се разделат на сиромасите!“ Тие почнаа да ја укоруваат жената.

6. Но Исус им рече: „Оставете ја жената на мира! Зошто ја карате!? Таа направи милосрдно дело спрема Мене.

7. Сиромаси секогаш ќе има меѓу вас, и ќе можете да им помагате кога и да посакате. Но Јас нема да бидам уште долго време со вас.

8. Таа направи сe што можеше - однапред го подготви Моето тело за погреб.

9. Ве уверувам, дека, насекаде по светот, каде што ќе се проповеда Радосната вест, ќе се кажува и ова што таа го направи, за спомен на неа!“

10. Тогаш Јуда Искариот, кој беше еден од дванаесетте ученици на Исус, отиде кај свештеничките поглавари и се понуди да им Го предаде Исус.

11. Тие се израдуваа на тоа и му ветија парична награда. Оттогаш Јуда бараше погоден момент да Го предаде Исуса.

12. На првиот ден од празникот Бесквасници, кога се колеа пасхалните јагниња, учениците Го прашаа Исуса: „Каде би сакал да ја подготвиме пасхалната вечера?“

13. Исус им рече на двајца од Своите ученици: „Отидете во градот. Таму ќе сретнете еден човек како носи стомна со вода. Тргнете по него.

14. Кога ќе влезе во куќата, речете му на домаќинот: ,Нашиот Учител прашува во која соба ќе може да ја одржи пасхалната вечера со Своите ученици?‘

15. Домаќинот ќе ви покаже една голема соба, на горниот кат, послана и подготвена. Пригответе ја вечерата таму.“

Прочитајте целосна глава Марко 14