Нов Завет

Марко 13:15-33 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

15. Кој ќе се најде искачен на покрив, нека не слегува во куќата за да земе нешто,

16. а кој ќе се најде во полето, нека не се враќа дома по облека.

17. Тоа време ќе биде страшно за бремените жени и за доилките!

18. Молете се тоа да не се случи зиме!

19. Тоа ќе биде време на такви страдања какви што немало од почетокот на Божјото создавање досега, ниту пак другпат ќе ги има!

20. Кога Господ не би го скратил времетраењето на тие страдања, никој не би преживеал! Но заради избраниците Свои, Господ ќе го скрати тоа време.

21. Ако тогаш некој ви рече: ,Еве Го Месијата овде!‘ или ,Ене Го онде!‘ - не верувајте му!

22. Ќе се појават лажни месии и лажни пророци и ќе извршуваат чуда за да ги заведат по можност и Божјите избраници!

23. Бидете внимателни! Ете, сe ви кажав однапред!“

24. Во тоа време, веднаш по тие неволи „Сонцето ќе потемни и Месечината ќе престане да свети.

25. Ѕвезди ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се разнишаат.“

26. Тогаш ќе Ме видат Мене, Синот Човечки, како доаѓам на облаците со величествена моќ и слава.

27. Тогаш ќе ги испратам Своите ангели да ги соберат Моите избраници од сите четири страни на светот, од крајот на Земјата, до крајот на небото.“

28. „Научете се од примерот со смоквата: кога гранките ќе и распупат и ќе и разлистаат, знаете дека наближува летото.

29. Така, кога ќе забележите дека овие случки што ви ги опишав се одигруваат, знајте дека враќањето на Месијата е на прагот.

30. Ве уверувам дека некои луѓе од оваа генерација сe уште ќе бидат живи, кога сите тие случки ќе се одиграат!

31. Небото и Земјата ќе ги снема, но Моите зборови ќе останат!

32. А што се однесува до точното време и час - тоа никој не го знае, дури ни ангелите на небото, па ни Синот Човечки, туку само небесниот Татко!

33. Затоа, бидете духовно будни и подготвени, бидејќи не знаете кога точно ќе настапи тоа време!

Прочитајте целосна глава Марко 13