Нов Завет

Марко 13:14-26 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

14. Во продолжение Исус рече: „Кога ќе видите дека ,богохулникот што пустоши‘ се сместува таму каде што не би смеел (секој што го чита ова, треба да го разбере!), тогаш тие што живеат во Јудеја нека бегаат во планините!

15. Кој ќе се најде искачен на покрив, нека не слегува во куќата за да земе нешто,

16. а кој ќе се најде во полето, нека не се враќа дома по облека.

17. Тоа време ќе биде страшно за бремените жени и за доилките!

18. Молете се тоа да не се случи зиме!

19. Тоа ќе биде време на такви страдања какви што немало од почетокот на Божјото создавање досега, ниту пак другпат ќе ги има!

20. Кога Господ не би го скратил времетраењето на тие страдања, никој не би преживеал! Но заради избраниците Свои, Господ ќе го скрати тоа време.

21. Ако тогаш некој ви рече: ,Еве Го Месијата овде!‘ или ,Ене Го онде!‘ - не верувајте му!

22. Ќе се појават лажни месии и лажни пророци и ќе извршуваат чуда за да ги заведат по можност и Божјите избраници!

23. Бидете внимателни! Ете, сe ви кажав однапред!“

24. Во тоа време, веднаш по тие неволи „Сонцето ќе потемни и Месечината ќе престане да свети.

25. Ѕвезди ќе паѓаат од небото и небесните сили ќе се разнишаат.“

26. Тогаш ќе Ме видат Мене, Синот Човечки, како доаѓам на облаците со величествена моќ и слава.

Прочитајте целосна глава Марко 13