Нов Завет

Марко 13:10-22 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

10. А пред да дојде крајот, Радосната вест ќе им се проповеда на сите народи.

11. Кога ќе ве притвораат, не грижете се однапред што ќе зборувате. Во тие моменти Бог ќе ви ги даде вистинските зборови што ќе треба да ги кажете. Зашто вашата одбрана нема да доаѓа од вас, туку од Светиот Дух.

12. Браќа ќе се предаваат еден со друг и родители ќе ги предаваат своите деца на смрт. Децата ќе се креваат против родителите и ќе ги убиваат.

13. Сите ќе ве мразат поради вашата вера во Мене. Само тие што ќе останат верни докрај ќе бидат спасени.“

14. Во продолжение Исус рече: „Кога ќе видите дека ,богохулникот што пустоши‘ се сместува таму каде што не би смеел (секој што го чита ова, треба да го разбере!), тогаш тие што живеат во Јудеја нека бегаат во планините!

15. Кој ќе се најде искачен на покрив, нека не слегува во куќата за да земе нешто,

16. а кој ќе се најде во полето, нека не се враќа дома по облека.

17. Тоа време ќе биде страшно за бремените жени и за доилките!

18. Молете се тоа да не се случи зиме!

19. Тоа ќе биде време на такви страдања какви што немало од почетокот на Божјото создавање досега, ниту пак другпат ќе ги има!

20. Кога Господ не би го скратил времетраењето на тие страдања, никој не би преживеал! Но заради избраниците Свои, Господ ќе го скрати тоа време.

21. Ако тогаш некој ви рече: ,Еве Го Месијата овде!‘ или ,Ене Го онде!‘ - не верувајте му!

22. Ќе се појават лажни месии и лажни пророци и ќе извршуваат чуда за да ги заведат по можност и Божјите избраници!

Прочитајте целосна глава Марко 13