Нов Завет

Марко 12:10-29 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

10. Зар не сте го читале ова во Светото Писмо: ,Каменот што ѕидарите го отфрлија стана камен-темелник!

11. Тоа го направи Господ - како прекрасна глетка пред нашите очи!‘“

12. Еврејските водачи сфатија дека оваа споредба се однесува на нив и сакаа да Го уапсат, но се плашеа од народот. Затоа Го оставија и си заминаа.

13. Потоа испратија кај Исус некои од фарисеите и од иродовците за да Го фатат да каже нешто за што ќе можат да Го обвинат.

14. Доаѓајќи кај Него, му Го рекоа следново: „Учителе! Знаеме дека си чесен, дека не си пристрастен спрема никого и дека на луѓето им ја кажуваш вистината за Божјиот пат. Кажи ни, право ли е да му плаќаме данок на римскиот император, или не?“

15. Исус го проѕре нивното лукавство, па им одговори: „Зошто сакате да Ми поставите стапица? Дајте Ми еден римски денариј да го видам!“

16. Кога Му подадоа, Тој ги запраша: „Чиј лик и име се втиснати на парава?“ „На императорот!“ - му одговорија тие.

17. Тогаш Исус им рече: „Дајте му го на императорот тоа што му припаѓа на императорот, а на Бога тоа што Му припаѓа на Бога!“

18. Тогаш кај Исус дојдоа некои садукеи (тие тврдат дека нема да има воскресение на мртвите) и Го прашаа:

19. „Учителе! Мојсеј ни пропишал дека, доколку некој маж умре и остави зад себе вдовица без деца, живиот брат е должен да ја земе братовата вдовица за жена и да му подигне потомство на својот починат брат.

20. Си беа седуммина браќа, од кои првиот се ожени и умре без да има деца.

21. Вториот брат се ожени со вдовицата на својот починат брат, но и тој умре без деца. Истото се случи и со третиот брат.

22. Ниту еден од седумтемина не остави потомство. На крајот умре и жената.

23. Кога ќе воскреснат од мртвите, чија жена ќе биде таа, со оглед на тоа што им била сопруга на сите седум браќа!?“

24. Исус им одговори: „Вие сте во заблуда, бидејќи не го знаете учењето на Светото Писмо! А не ја знаете ни Божјата сила!

25. Кога луѓето ќе воскреснат од мртвите нема да бидат ни женети ни мажени. Тие ќе бидат како ангели на небото.

26. А што се однесува до воскресението на мртвите, зар не сте читале во Мојсеевите книги за тоа како Бог му се јави на Мојсеј во разгорената грмушка и му рече: ,Јас Сум Бог на Кој Му служат Авраам, Исак и Јаков!‘

27. Значи, тие се живи, а не мртви, зашто Бог не е Бог на мртвите, туку на живите! Вие сте во голема заблуда!“

28. Тогаш кај Исус дојде еден вероучител, кој ја слушаше претходната расправа. Согледувајќи дека Исус добро им одговори на садукеите, Го праша: „Која е најважната заповед во Божјиот Закон?“

29. Првата најважна заповед гласи: ,Слушајте Израелци: Вие имате само еден Господ и Бог!

Прочитајте целосна глава Марко 12