Нов Завет

Марко 11:8-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

8. Голем број луѓе постилаа облеки по патот, а други постилаа разлистени гранчиња што ги кршеа по полето.

9. Луѓе одеа и пред Исус и по Исус и гласно викаа: „Спаси нe сега! Благословен е Тој што доаѓа во името Господово!

10. Благословено да биде царството на нашиот прататко Давид - царството што ни доаѓа! Спаси нe сега Ти, Кој доаѓаш од небесните височини!“

11. Така Исус влезе во Ерусалим и отиде во храмот, разгледа сe наоколу, но бидејќи веќе беше доцна, се врати со дванаесеттемина во Бетанија.

12. Утредента, кога излегуваа од Бетанија, Исус огладне.

13. Од далечина забележа една разлистена смоква крај патот и се упати кон неа да види дали има плодови. Кога дојде, не најде плодови, туку само лисје, зашто сe уште не беше време за смокви.

14. Исус му се обрати на дрвото: „Од тебе никој веќе никогаш да не јаде плодови!“ Ова го слушнаа Неговите ученици.

15. Исус и Неговите ученици дојдоа пак во Ерусалим. Влегувајќи во Божјиот храм, Исус почна да ги отстранува сите луѓе кои во храмот вршеа купопродажби. Им ги испреврте масите на менувачите на пари и тезгите на оние што продаваа гулаби.

16. Не дозволи никој ништо да пренесува низ храмот.

17. Потоа ги поучуваше, велејќи: „Зар Бог во Светото Писмо не ви напиша: ,Мојот храм нека биде место за молитва на сите народи!?‘ А вие го претворивте во разбојничко дувло!“

18. Ова им дојде до ушите на свештеничките поглавари и на вероучителите кои почнаа да планираат како да Го убијат Исуса. Тие се плашеа од Него, бидејќи целиот народ беше одушевен од Неговите поуки.

Прочитајте целосна глава Марко 11