Нов Завет

Марко 11:15-31 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

15. Исус и Неговите ученици дојдоа пак во Ерусалим. Влегувајќи во Божјиот храм, Исус почна да ги отстранува сите луѓе кои во храмот вршеа купопродажби. Им ги испреврте масите на менувачите на пари и тезгите на оние што продаваа гулаби.

16. Не дозволи никој ништо да пренесува низ храмот.

17. Потоа ги поучуваше, велејќи: „Зар Бог во Светото Писмо не ви напиша: ,Мојот храм нека биде место за молитва на сите народи!?‘ А вие го претворивте во разбојничко дувло!“

18. Ова им дојде до ушите на свештеничките поглавари и на вероучителите кои почнаа да планираат како да Го убијат Исуса. Тие се плашеа од Него, бидејќи целиот народ беше одушевен од Неговите поуки.

19. Кога се стемни, Исус и Неговите ученици се повлекоа од градот.

20. Рано изутрината, минувајќи крај смоквата, учениците на Исус забележаа дека таа од корен се исушила.

21. Тогаш Петар се сети на случката и Му рече на Исус: „Погледни, Учителе! Смоквата што Ти ја проколна се исушила!“

22. Исус им рече: „Имајте вера во Бог!

23. Ве уверувам дека, ако имате вера во Бог и не се сомневате, ќе можете да и кажете на оваа планина да се искорне и да се фрли во морето, и тоа ќе се случи.

24. Ви велам: Сe што ќе побарате преку молитва ќе добиете, ако имате вера.

25. Кога се молите, простувајте им на оние што се огрешиле против вас. Тогаш вашиот небесен Татко ќе ви ги прости и вашите гревови.“

26. (Но ако не им простувате на другите, и Бог вам нема да ви прости.)

27. Исус и Неговите ученици повторно дојдоа во Ерусалим. Додека Исус шеташе по храмот, Му пристапија свештеничките поглавари, вероучителите и старешините

28. и Го прашаа: „Со какво право го вршиш сето ова? Кој те овластил?“

29. Исус им одговори: „И Јас сакам нешто да ве прашам. Ако вие ми одговорите, тогаш и Јас ќе ви кажам кој Ме овластил да го правам сето ова.

30. Кажете ми, од каде му беше овластувањето на Јован Крстител да крштава: од Бога или од луѓето?“

31. Тие почнаа меѓу себе да си шепотат вака: Ако речеме „од Бога“, тогаш ќе ни рече: „Ами, зошто не му поверувавте!?“

Прочитајте целосна глава Марко 11