Нов Завет

Марко 10:31-40 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

31. Но мнозина кои сега се први, ќе бидат последни, а мнозина кои сега се последни, ќе бидат први.“

32. Учениците беа збунети кога Исус ги поведе кон Ерусалим, а останатите Негови следбеници беа исплашени. Уште еднаш, Исус ги повика кај Себе дванаесеттемина Свои ученици и почна да им објаснува што сe ќе Му се случи:

33. „Сега се искачуваме кон Ерусалим. Таму Мене, Синот Човечки, ќе Ме предадат на свештеничките поглавари и на вероучителите. Тие ќе Ме осудат на смрт и ќе Ме предадат на Римјаните,

34. кои ќе се подбиваат со Мене, ќе Ме плукаат, ќе Ме камшикуваат и ќе Ме погубат. Но по три дена, Јас ќе воскреснам!“

35. Завдаевите синови Јаков и Јован дојдоа кај Исус и Му рекоа: „Учителе, сакаме да те замолиме да ни исполниш една желба!“

36. „Што сакате да сторам за вас?“ - ги праша Исус.

37. Тие Му одговорија: „Кога ќе седнеш на престолот во Твоето славно Царство, ние би сакале почесни места: едниот од нас да седи од Твојата десна страна, а другиот од левата!“

38. Исус им рече: „Не знаете што барате! Можете ли вие да пиете од чашата на Моите страдања од која Јас наскоро ќе морам да пијам, и да се крстите со страдалничкото крштавање со кое Јас ќе се крстам!?“

39. „Можеме!“ - одговорија тие. Тогаш Исус им рече: „Ќе пиете од чашата од која Јас ќе пијам и ќе бидете крстени како и Јас.

40. Но не Сум Јас Тој што решава кој ќе седи од Мојата десна, а кој од Мојата лева страна. Тие места ќе им припаднат на оние за кои Бог ги приготвил.“

Прочитајте целосна глава Марко 10