Нов Завет

Марко 10:1-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Потоа Исус замина од Кафарнаум и дојде на југ, во Јудеја, од источната страна на реката Јордан. Повторно многуброен народ се слеваше кон Него и Тој го поучуваше, како и обично.

2. Некои од фарисеите сакаа да Му постават замка, па дојдоа кај Него и Го прашаа: „Дозволено ли е мажот да се разведе од својата жена?“

3. Исус ги праша: „Што вели Мојсеевиот Закон за тоа?“

4. Тие одговорија: „Мојсеј дозволува да и се напише потврда за развод на жената и таа да се отпушти.“

5. Исус им рече: „Мојсеј ви го допушти тоа бидејќи сте со закоравени срца.

6. Во почетокот Бог создаде маж и жена.

7. При стапување во брак човекот се одвојува од својот татко и од својата мајка и се присоединува кон својата жена.

8. Тогаш двајцата стануваат едно тело. Значи, тие не се повеќе две тела, туку едно тело.

9. Никој не смее да ги раздружува оние што Бог ги здружил во брак.“

10. Кога се вратија во куќата, учениците повторно Го прашаа Исуса за тоа.

11. Тој им рече: „Тој што се разведува од својата жена и се оженува со друга, извршува прељуба против првата.

12. Така и жената што ќе се разведе од својот маж и ќе се омажи за друг, извршува прељуба.“

13. Некои луѓе ги носеа своите деца кај Исус за да ги прегрне и да ги благослови. Учениците, пак, ги одвраќаа.

14. Кога Исус го забележа тоа, ги прекори учениците и им рече: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај Мене! Не попречувајте им, зашто на таквите како нив им припаѓа Божјото царство!

15. Ве уверувам дека нема да влезете во Божјото царство, доколку не го прифатите со вера каква што имаат малите деца!“

Прочитајте целосна глава Марко 10