Нов Завет

Марко 1:34-45 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

34. Исус ги исцелуваше сите заболени од најразлични болести и ги ослободуваше од демонски духови. Демоните знаеја Кој е Исус, но Тој не им дозволуваше да кажат.

35. Рано утредента, уште в мугри, Исус стана и отиде на молитва, сам, на тивко место.

36. Симон и другите тргнаа да Го бараат.

37. Кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!“

38. А Тој им одговори: „Да одиме на друго место, во соседните градови, за да им проповедам и ним, бидејќи за таа цел сум дојден.“

39. Така Исус ја помина целата покраина Галилеја, проповедајќи по тамошните синагоги и ослободувајќи луѓе од демонска обземеност.

40. Еден човек, болен од лепра, дојде кај Исус, клекна на колена и почна да Го моли: „Ако сакаш, Ти можеш да ме исцелиш!“

41. Исус се сожали, испружи рака и го допре, велејќи му: „Сакам! Еве, те исцелувам!“

42. Во истиот момент лепрата исчезна и човекот оздраве.

43. Испраќајќи го, Исус строго му нареди:

44. „Не кажувај никому за ова! Оди само кај свештеникот и покажи му дека си здрав. Потоа принеси дар во храмот како што е пропишано со Мојсеевиот Закон, за да се увери јавноста.“

45. Но тукушто излезе, човекот почна на сите да им раскажува за случката, така што Исус повеќе не можеше јавно да се движи во градот. Престојуваше надвор од населените места, а народ од сите страни доаѓаше кај Него.

Прочитајте целосна глава Марко 1