Нов Завет

Марко 1:17-35 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

17. Исус им рече: „Тргнете по Мене и Јас ќе ве научам како да ловите луѓе, а не риби!“

18. Двајцата браќа веднаш ги оставија своите мрежи и тргнаа по Него.

19. Малку понатаму, Исус ги забележа Завдаевите синови Јаков и Јован. Тие седеа во своето бротче и си ги крпеа рибарските мрежи. Веднаш ги повика и нив.

20. Оставајќи ги својот татко и наемните работници во бротчето, тие тргнаа по Исус.

21. Придружуван од Своите ученици, Исус отиде во градот Кафарнаум. Во саботата, отиде во синагогата и почна да ги поучува луѓето.

22. Сите беа восхитени од Неговото учење. Тој поучуваше со вистински авторитет, а не како вероучителите.

23. Одненадеж, во синагогата влезе еден човек обземен со демонски дух и почна да вика:

24. „Што ќе ни сториш, Исусе од Назарет!? Дојде за да нe уништиш, нели!? Те знам Кој си: Ти си Божјиот Светец!“

25. Исус му заповеда на демонскиот дух: „Замолкни и излези од човекот!“

26. Демонскиот дух го стресе човекот и со силна викотница излезе од него.

27. Луѓето останаа вчудовидени и си велеа еден на друг: „Што е ова? Некое ново и моќно учење! На демонски духови им заповеда и тие Му се покоруваат!“

28. Вестите за Исус бргу се раширија по цела Галилеја.

29. Напуштајќи ја синагогата, во придружба на Јаков и Јован, Исус отиде во куќата на Симон и Андреј.

30. Таму Му кажаа дека тештата на Симон лежи болна со силна треска.

31. Исус влезе кај неа, ја фати за раката и ја поткрена. Треската веднаш и престана и таа почна да ги послужува.

32. Вечерта, по зајдисонце, сите што беа болни или обземени од демони ги доведуваа кај Исус.

33. Целиот град се собра пред вратата.

34. Исус ги исцелуваше сите заболени од најразлични болести и ги ослободуваше од демонски духови. Демоните знаеја Кој е Исус, но Тој не им дозволуваше да кажат.

35. Рано утредента, уште в мугри, Исус стана и отиде на молитва, сам, на тивко место.

Прочитајте целосна глава Марко 1