Нов Завет

Лука 8:43-56 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

43. Меѓу народот имаше и една жена која веќе дванаесет години боледувала од крвавење. Го потрошила сиот свој имот по лекари, но никој не можел да ја излекува.

44. Таа се проби меѓу народот, се приближи зад Исус и го допре работ од Неговата облека. Крвавењето веднаш и запре.

45. А Исус запраша: „Кој Ме допре?“ Никој не се јавуваше, па Петар рече: „Учителе, има многу луѓе околу Тебе и сите Те туркаат!“

46. Но Исус беше упорен, велејќи: „Некој намерно Ме допре, зашто почувствував кога излезе исцелителна сила од Мене!“

47. Кога жената виде дека ќе биде откриена, дојде целата растреперена, падна пред Исусовите нозе и пред сите кажа зошто се допрела и дека веднаш оздравела.

48. Тогаш Исус и рече: „Оди си спокојно, ќерко. Твојата вера те исцели.“

49. Додека Исус го зборуваше ова, пристигна гласник од куќата на управникот на синагогата, Јаир, и му рече: „Ќерка ти почина. Не додевај Му повеќе на Учителот!“

50. Исус го чу тоа и му рече на управникот: „Не плаши се! Само верувај и таа ќе оздрави!“

51. Пристигнувајќи во куќата, Исус не дозволи никој да влезе со Него, освен Петар, Јаков, Јован и родителите на девојчето.

52. Сите веќе плачеа и го оплакуваа девојчето, а Исус рече: „Не плачете! Девојчето не е мртво, туку спие!“

53. Тие Му се потсмеваа, зашто знаеја дека девојчето е мртво.

54. Исус ја фати за рака и гласно извика: „Девојко, стани!“

55. Тогаш нејзиниот дух и се врати и таа веднаш стана, а Исус нареди да и дадат нешто да јаде.

56. Нејзините родители останаа вчудовидени, а Исус им нареди никому да не кажуваат за ова што се случи.

Прочитајте целосна глава Лука 8