Нов Завет

Лука 8:40-49 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

40. Кога се врати, Исус беше топло поздравен од народот, зашто сите Го очекуваа.

41. Му пристапи еден човек по име Јаир, кој беше управник на синагогата. Тој се фрли пред Исусовите нозе и Го молеше да дојде кај него дома,

42. каде што неговата ќерка единица, на возраст од дванаесет години, лежеше на умирање. Додека Исус одеше таму, многуброен народ се туркаше околу Него од сите страни.

43. Меѓу народот имаше и една жена која веќе дванаесет години боледувала од крвавење. Го потрошила сиот свој имот по лекари, но никој не можел да ја излекува.

44. Таа се проби меѓу народот, се приближи зад Исус и го допре работ од Неговата облека. Крвавењето веднаш и запре.

45. А Исус запраша: „Кој Ме допре?“ Никој не се јавуваше, па Петар рече: „Учителе, има многу луѓе околу Тебе и сите Те туркаат!“

46. Но Исус беше упорен, велејќи: „Некој намерно Ме допре, зашто почувствував кога излезе исцелителна сила од Мене!“

47. Кога жената виде дека ќе биде откриена, дојде целата растреперена, падна пред Исусовите нозе и пред сите кажа зошто се допрела и дека веднаш оздравела.

48. Тогаш Исус и рече: „Оди си спокојно, ќерко. Твојата вера те исцели.“

49. Додека Исус го зборуваше ова, пристигна гласник од куќата на управникот на синагогата, Јаир, и му рече: „Ќерка ти почина. Не додевај Му повеќе на Учителот!“

Прочитајте целосна глава Лука 8