Нов Завет

Лука 7:1-13 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

1. Кога Исус го заврши Своето излагање пред народот, замина во Кафарнаум.

2. Таму, еден римски офицер имаше слуга што му беше многу драг, а беше тешко болен, на умирање.

3. Кога офицерот разбра за Исус, испрати кај Него неколку еврејски старешини, молејќи Го да дојде и да го исцели слугата.

4. Тие дојдоа кај Исуса и почнаа мошне сесрдно да Го молат, велејќи: „Овој човек заслужува да му излезеш во пресрет.

5. Тој го сака нашиот народ и ни изгради синагога.“

6. Исус тргна со нив. Кога наближи до куќата, офицерот испрати луѓе да Му порачаат: „Господине, не труди се понатаму, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив,

7. ниту пак сум достоен да дојдам кај Тебе. Кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави!

8. Зашто и јас сум човек што се потчинува на наредби, а имам и власт да им издавам наредби на војниците. Кога на еден ќе му речам ,Оди!‘ - тој оди; на друг ќе му речам ,Дојди!‘, и тој доаѓа. На мојот слуга ќе му речам ,Стори го тоа!‘, и тој го извршува.“

9. Кога го чу ова, Исус се воодушеви и на народот што одеше по Него му рече: „Навистина, кај никого во Израел не видов толку голема вера!“

10. Кога оние што беа испратени се вратија дома, го најдоа слугата наполно здрав.

11. Набргу потоа, Исус отиде во градот Наин. Заедно со Него беа Неговите ученици и многуброен народ.

12. Штом се приближи до градските порти, пресретна погребна поворка; беше починал синот-единец на една вдовица. Во поворката имаше многу луѓе од градот.

13. Кога Господ ја забележа вдовицата, се сожали, и и рече: „Не плачи!“

Прочитајте целосна глава Лука 7