Нов Завет

Лука 6:33-47 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

33. И ако им правите добро само на оние што вам ви прават добро, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците го прават тоа!

34. И ако им позајмувате само на оние кои можат да ви вратат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците им позајмуваат на други грешници, за да им го вратат истото!

35. Но вие, покажувајте љубов спрема своите непријатели, правете добро и давајте без да очекувате да ви се врати! Само така ќе добиете голема награда и ќе се однесувате како деца на Севишниот, зашто Тој им прави добро и на неблагодарните и на лошите.

36. Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот небесен Татко.“

37. „Не судете и нема да ви биде судено! Не осудувајте, и нема да бидете осудувани! Простувајте и ќе ви биде простено!

38. Давајте и ќе ви биде давано со преполна мера, набиена, протресена, истурена во вашите скутови! Зашто со каква мера им мерите на другите, со таква и вам ќе ви биде мерено.“

39. Потоа Исус им ја кажа оваа споредба: „Може ли слеп човек да води друг слепец? Нема ли обајцата да паднат в јама?

40. Ниеден ученик не е над својот учител. Но, кога ученикот ќе се усоврши, тогаш ќе биде како неговиот учител.

41. Зошто ја гледаш раската во окото на својот ближен, а не ја гледаш гредата во сопственото око!?

42. Како можеш да му кажеш на својот ближен: ,Брате, дозволи ми да ти ја извадам раската од окото!‘, кога ти не ја гледаш гредата во сопственото око!? Тоа е лицемерие! Извади си ја најнапред гредата од сопственото око, па ќе можеш добро да гледаш за да ја отстраниш раската од окото на својот ближен!“

43. „Нема питомо дрво што раѓа диви плодови, ниту диво дрво што раѓа питоми плодови.

44. Секое дрво се познава според своите плодови. Не се берат смокви од трн, ниту грозје од чичка.

45. Од благороден човек произлегуваат благородни работи што се напластени во неговото срце, а од лош човек произлегуваат лоши работи што се напластени во неговото срце. Секоја уста го зборува она што е напластено во срцето.“

46. „Зошто Ми се обраќате со ,Господе, Господе!‘, а не го вршите тоа што ви го зборувам?

47. Ќе ви кажам со што може да се спореди човек што доаѓа кај Мене, за да ги слуша и извршува Моите зборови:

Прочитајте целосна глава Лука 6