Нов Завет

Лука 6:23-38 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

23. Радувајте се кога ќе ви се случува тоа и бидете весели, зашто голема награда ве очекува на небото! Нивните предци им го правеа тоа на пророците.

24. Но тешко вам кои сега сте богати - вашата утеха е само на овој свет!

25. Тешко вам кои сега сте сити - вие ќе гладувате! Тешко вам кои сега се смеете - вие ќе тагувате и ќе плачете!

26. Тешко вам кои толпите ве фалат - така и нивните предци ги фалеа лажните пророци!“

27. „Но вам, што Ме слушате, ви велам: покажувајте љубов спрема своите непријатели! Правете им добро на оние што ве мразат!

28. Благословувајте ги оние што ве проколнуваат! Молете се за оние што ве навредуваат.

29. На оној што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот! На оној што сака да ти го земе палтото, дај му ја и кошулата!

30. На оној што бара нешто од тебе - дај му. Од оној што зел нешто твое - не барај да ти го врати!

31. Постапувајте со луѓето онака, како што сакате тие да постапуваат со вас!

32. Зашто, ако ги сакате само оние што вас ве сакаат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците ги сакаат оние што нив ги сакаат!

33. И ако им правите добро само на оние што вам ви прават добро, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците го прават тоа!

34. И ако им позајмувате само на оние кои можат да ви вратат, зошто би очекувале некаква пофалба за тоа? Па, и грешниците им позајмуваат на други грешници, за да им го вратат истото!

35. Но вие, покажувајте љубов спрема своите непријатели, правете добро и давајте без да очекувате да ви се врати! Само така ќе добиете голема награда и ќе се однесувате како деца на Севишниот, зашто Тој им прави добро и на неблагодарните и на лошите.

36. Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот небесен Татко.“

37. „Не судете и нема да ви биде судено! Не осудувајте, и нема да бидете осудувани! Простувајте и ќе ви биде простено!

38. Давајте и ќе ви биде давано со преполна мера, набиена, протресена, истурена во вашите скутови! Зашто со каква мера им мерите на другите, со таква и вам ќе ви биде мерено.“

Прочитајте целосна глава Лука 6