Нов Завет

Лука 6:2-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

2. Некои од фарисеите ги прекорија, велејќи им: „Зошто го правите тоа што не е дозволено да се прави во сабота?“

3. На ова, Исус им одговори: „Зар не сте читале што направија Давид и неговите придружници кога огладнеа,

4. и како тој влезе во Божјиот Дом, па тој и неговите луѓе јадеа од посветениот леб, од кој само свештениците смееја да јадат?

5. Јас, Синот Човечки, Сум Господар и над саботата“ - заклучи Исус.

6. Една друга сабота, Исус влезе да поучува во синагогата. Таму имаше еден човек со парализирана десна рака.

7. Вероучителите и фарисеите Го набљудуваа со намера да Го обвинат, доколку изврши исцелување во сабота.

8. А Исус, знаејќи им ги мислите, му се обрати на човекот со парализираната рака: „Стани и застани пред сите!“ Тој стана и застана.

9. Тогаш Исус им рече: „Да ве прашам: што е дозволено да се прави во сабота: добро или лошо? Да се спасуваат животи, или да се уништуваат?“

10. Потоа прошета со погледот од човек до човек и му се обрати на болниот: „Испружи ја раката!“ Тој го стори тоа и раката веднаш му оздраве.

11. А противниците збеснаа и почнаа да се договараат што да Му направат на Исус.

Прочитајте целосна глава Лука 6